Новости

Мобилна апликација и веб платформа „МОЈ ПАТ“: ПРИЈАВЕТЕ НЕДОСТАТОЦИ на патиштата

Проектот „Мој Пат“, кој вклучува бесплатна мобилна апликација и веб платформа, има цел на сите групи учесници во сообраќајот (пешаци, велосипедисти, возачи и мотоциклисти) да им овозможи од своја перспектива да ги идентификуваат и да ги пријават недостатоците на патиштата, притоа обезбедувајќи систематски, методолошки и трошковно ефикасен начин на собирање на податоци за недостатоците на локалните, магистралните и регионалните патишта во државата.

 

Сите пријавени недостатоци на патиштата, АМСМ со цел на зголемување на безбедноста во сообраќајот, во форма на периодичен извештај, ги доставува до надлежните институции за нивно отстранување. Корисниците на мобилната апликација и на веб платформата можат да го следат статусот на недостатоците на локалните, регионалните и магистралните патишта, од статус на пријавени недостатоци од страна на корисник, преку статус на пријавени недостатоци до надлежни институции до конечниот статус на отстранет недостаток на пат.

 

Проектот „Мој Пат“ е реализиран во соработка со ФИА и е ко-финансиран од ФИА грант програмата за поголема безбедност на патиштата, до која АМСМ има пристап како единствена членка на ФИА (Меѓународната автомобилистичка федерација) од Р.Македонија. Како резултат на ова, а во конкуренција на проекти од повеќе авто-мото клубови,  проектот на АМСМ  „Мој Пат: мобилна апликација и веб платформа за мапирање на недостатоци на магистрални, регионални и локални патишта“ беше еден од избраните средни проекти за ко-финансирање.

 

Мобилната апликација MojPat наменета за Android и iOS базирани мобилни телефони, можете да ја симнете уште веднаш на Google Play и App Store . Доколку немате паметен телефон, а сакате да пријавите недостаток на патишта, тоа можете да го направите преку www.mojpat.mk.